Водич за пакување: Како да не заборавиш ништо


Ова не е стандарден блог пост. Ова е водич за пакување пред патување, а содржи сè што ти треба или може да ти затреба за време на одморот. Ако сега заборавиш нешто пред тргнување, тогаш навистина е до тебе и не сакаме да слушаме изговори.

Прво, зачувај го некаде списоков, а потоа прочитај детално.

задолжително за пакување

Документи за патување

Пасош. Провери го рокот на истекување веднаш. За да излезеш од земјата патната исправа треба да е важечка најмалку три месеци по планираниот датум на заминување од територијата на земјите членки на ЕУ и потписнички на Шенгенскиот договор (важи и за Албанија и Црна Гора), исто така и да е издадена во претходните 10 години.

Лична карта. Тоа е дел од твојот идентитет. Мораш да го носиш со себе каде и да си.

Патничко осигурување. Може да покрие непредвидени медицински трошоци, да ги ублажи ризиците, како губење на пасош или багаж, а може да биде и голема помош во случај на потреба од итна помош.

⦿ Зелен картон. Единствено за оние кои патуваат со сопствен автомобил. 

Кеш. Кредитните картички дефинитивно се сè повеќе прифатени, но не и во помалите селца и гратчиња во Грција, Црна Гора и Албанија. Не го носи целото богатство бидејќи секаде има банкомати, но заштеди на провизија и имај нешто во џеб за барем да си купиш нешто ситно на плажа или во продавница. 

Облека

Долна облека (мин. 1 пар/дневно). Никој не сака да пере на одмор, а тоа е обично и една од причините зошто воопшто се оди на одмор. Затоа, подготви си долен веш за секој ден и имај мирна глава што и да се случи. 

Чорапи (мин. 1 пар/дневно). Истиот принцип важи и тука.

Бермуди/сукњи (х2). Зависи колку денови си на одмор 

Маици со кратки ракави/без ракави (колку највеќе собира). Сметај да земеш и маици кои се исклучиво за на плажа. Кремот за сончање остава траги на маиците, па гледај да не ги уништиш најубавите. 

Долги панталони. Најверојатно нема да ти требаат, ама никогаш не знаеш што се може да се случи.

⦿ Дуксер. За жал, некогаш се случува и да заврне и во лето. Кога е таква ситуацијата, еден дуксер е сосема доволно за да ги поминеш тие неколку часа под дожд.

⦿ Облека за спиење. Лето е, а тоа значи дека во ред е и да спиеш по долен веш, маичка со кратки ракави или без облека. 

Удобни чевли. Дефинитивно меѓу најважните нешта. Долгите денови поминати во папучи може да направат плускавци и рани, затоа спакувај го твојот најудобен пар патики. 

⦿ Фустан/здолниште/кошула. Можеби ќе има прилика и за дотерување. Подготви се однапред.

Костими за капење/бикини/шорцови (х2). Поважно од тоа да одбереш нешто во што ќе се чувствуваш најубаво е да понесеш барем два пара. Имај резерва додека другите се сушат. 

Крпи (x2). Една за на плажа и една за сушење. 

Папучи/апостолки/крокс. За вкусовите не се расправа. Важно е да земеш она што ти е најудобно бидејќи не секоја плажа е песочна и не секој пат до плажа е лесен за одење пешки.

Козметика

Производи за лична хигиена. Паста и четка за заби, шампон, дезодоранс, пена за бричење, брич, чепчиња за уши, ножици, турпија и сè што мислиш дека ќе ти притреба за секој ден.

Крем за сончање. Ти си ја познаваш својата кожата најдобро. Ако лесно гориш на сонце, тогаш одбери крем со поголем фактор.

⦿ Средство против комарци. Море си повлекува комарци, затоа заштити се со време од чешање. 

Технологија

Полнач. Полн телефон на одмор е задолжителна работа.

⦿ Преносен полнач. Ќе се случи и да се поздраборавиш со скролање на телефон, сликање за да ја направиш идеалната слика за на Инстаграм, слушање музика и чатање со најблиските. Верувај, ова е спасот.

⦿ Bluetooth звучник. Во Грција, Црна Гора и Албанија музиката најчесто е домашна, па тоа може и да не баш по твој вкус. Земи си звучник и слушај што сакаш и кога сакаш. 

Занимација

⦿ Карти за играње. Наједноставни за пакување и секогаш добри за „тепање време“ на плажа или во апартман. 

⦿ Книга/списание. Читање книга на плажа е најдобрата споредна работа на светот, нели?

Сè за на плажа

⦿ Торба за плажа. Една торба за сè. 

⦿ Чадор за плажа. Доколку сакаш диви плажи или не ти се плаќаат скапи лежалки, а патуваш со автомобил, тогаш спакувај чадор и уживај под сенка по цели денови.

⦿ Топки и играчки. Патуваш со деца? Ова е задолжително ако сакаш да ги спречиш сите плачки и да им направиш спомени за цел живот. 

⦿ Шише за вода. Лето е, топло е, гужва е и можеби нема да биде така лесно да дојдеш брзо до кафе и вода на плажа. Затоа, носи си шише вода и хидрирај се постојано за да ги издржиш високите температури.

⦿ Закуски за итни случаи. Грицки или протеин бар. Одбери храна која нема да се стопи или да ти прави тешкотии на стомакот на топлото време. 

Останато

Лекови. За недај боже, понеси од сè по нешто. 

Очила за сонце. Не е случајно зошто го ставаме ова како задолжително. Силното сонце дефинитивно го оштетува видот колку и да можеш да издржиш без очила за сонце. Само те молиме не одбирај евтини очила од бензиска. Ако веќе не сакаш да вложиш во квалитетни очила , тогаш подобро не носи ниту такви. Ќе си направиш уште полошо.