Што има во Бечичи освен плажи?


Ќе отидеш на плажа, ќе влезеш во вода стопати, ќе се сончаш и фатиш боја, но пак ќе сакаш да прошеташ и да видиш нешто ново. Доколку немаш идеја што, каде и зошто, добиј инспирација подолу:

Островот Св. Никола

Google Review (4,6★) Tripadvisor (4★)

Најголемиот остров во Црна Гора, меѓу локалците познат како „Хаваи“, е дефинитивно една од главните атракции во Бечичи. Прво, плажите се буквално како од разгледница. Замисли си песочни плажи, бистра вода и тивка атмосфера во која можеш целосно да одмориш и ги наполниш своите батерии. Второ, маслинови дрвја… и тоа буквално насекаде! Секоја прошетка тука е како одење низ некоја медитеранска градина. Ова место е создадено за да уживаш во мир и тишина сам или во друштво со најблиските.

Дури и пристигнувањето на островот Св. Никола е дел од авантурата! До островот се стигнува само преку вода, па во лето има бродови кои постојано возат од плажите Словенска, Бечичи и Могрен на секои половина час за околу 3 евра по лице. Цените варираат во зависност од сезоната, видот на услугата со брод и сите дополнителни удобности. Сепак, најдобро е да провериш кај локалните оператори на бродови за последните информации околу распоредот и цените. Враќањето од островот е достапно секој час до 19 часот. 

Црквата Св. Тома 

Google Review (4,8★) Tripadvisor (4,5★)

За оние кои сакаат малку култура, религија и историја, тогаш препорачуваме посета на црквата Св. Тома која се наоѓа на брегот на Бечичи. Таа потекнува од 14-тиот век, а во неа се чуваат реликвии од Св. Стефан Стојановиќ, пренесени од Белград во 2007 година. Преку променадата покрај плажата, туристите можат директно да пристапат до црквата што претставува пријатно засолниште за сите кои се обидуваат да избегаат од врелото на сонцето. Не размислувај два пати дали ова да го ставиш како задолжително место за посета.

Совет: Погрижи се да не си во купачи, инаку можеби нема да те пуштат да влезеш. 

Тунелот помеѓу Будва и Бечичи

Google Review (4,5★) Tripadvisor (4★)

Не очекувај магични тунели и подземни премини како на филм, но тунелот помеѓу Будва (почетна точка: плажа Џез) и Бечичи (крајна точка: паркингот на хотелот „Iberostar Bellevue“) вреди да се прошета, особено ако планираш често да одиш од едното до другото место. Наместо тоа да го правиш секој ден по крајбрежјето, погледни ги интересните уметнички дела и графитите во тунелот, а притоа заштеди и по некоја минута пешачење. Овој премин секогаш е барем ладен и под сенка. 

Полуостров Свети Стефан

Google Review (3,3★) Tripadvisor (4,5★)

Свети Стефан некогаш било старо островско село изградено за да ги одбрани пиратите и Турците уште многу одамна. Приказната е дека Паштровиќи го презеле во 1442 година, а потоа изградиле 12 куќи за нивните племиња. Местото станало трговски и сообраќаен центар. Ова место било познато како рибарско село, но со изградбата на луксузниот хотел во 1960-те со децении е привлечно место за познатите и извикани личности од светот. 

Парк Милочер

Google Review (4,8★) Tripadvisor (4,5★)

Малку настава во природа не е на одмет. Посети го паркот Милочер, некогашната летна резиденција на југословенската династија Караѓорѓевиќ. Со текот на годините, целата оваа област е претворена во ексклузивна градина со егзотични растенија, создавајќи зелена и цветна оаза во туристичката зона Свети Стефан-Милочер. Тука можеш да научиш како изгледаат либански кедар, евкалиптус, тропска мимоза, јапонска мушмула, кактус, агава, еден куп локални медитерански растенија и многу повеќе. 

Paragliding Montenegro Club

Google Review (4,9★) Tripadvisor (5★)

Сакаш авантура? Одбери нешто што ќе направи срцето да ти чука два пати побрзо. 

Paragliding Montenegro Club имаш шанса да го видиш прекрасниот поглед на ривиерата во Будва, а целиот спомен да го зачуваш и на видео.