На страна од убавините на морската храна во Грција, сепак мора да признаеме дека тука постојат и прекрасни специјалитети за само неколку евра. Овој блог нека биде водич за тоа како одморот да го поминете во уживање, а притоа да не ги потрошите сите пари. Ова се за нас највкусните „лапни-голтни“ од грчката кујна:
Тиропита
Просечна цена: 3 евра
Грците се познати по нивните пити, а најчесто ги јадат со спанаќ, пилешко месо и сирење. Најспецифична од нив е „тиропитата“ со сирење и верувај е нешто посебно убаво. Доволно е крцкава однадвор, а доволно мека одвнатре. Тие што еднаш пробале не се случило да не купат пак. Ова ти го кажуваме од лично искуство.
Бугаца
Просечна цена: 3 евра
Бугаца е слатка верзија на бурек. Таа се служи топла и се сече на мали правоаголни кришки. Полнета е со крем од ванила, а често се збогатува со шеќер во прав и цимет. Најверојатно ќе ги начекаш тазе рано наутро до пладне, па затоа доколку не знаеш што за појадок, тогаш ова е супер избор за добар почеток на денот.
Локма (Локумадес)
Просечна цена: 4 евра
Ако сте расположени за ужина на плажа, тогаш не го пропуштајте чичкото што вика „Локумадес, тазе крофни, донатс!“. Локумадес е грчката верзија на крофна. Овие мали благи се големи буквално колку еден залак. За уште поголемо задоволство, надополни ги со мед, бадеми, цимет, чоколаден сируп или сладолед.
Катаифи
Просечна цена: 4 евра
Следно е катаифи – грчки десерт со крцкава надворешност налик на тестенини исполнет со јаткасти плодови и натопен во сируп од мед. Имаш чувство дека јадеш баклава, но со некоја посебна крцкавост. Исто така, не пропуштај да пробаш „Екмек“ или „Екмек катаифи“ – надградба на десертот со шлаг и крцкави преливи.
Гиро
Просечна цена: 4 евра
Мислиме дека нема потреба од објаснување за тоа што е гиро. Единствено важно е да знаеш дека во последните неколку години кога нарачуваш мора да напоменеш дека сакаш од познатиот ѕаѕики сос. Во минатото тоа се подразбираше, но сега изгледа е добра шанса да се заработи уште некое евро плус. Вообичаено, сосот се доплаќа околу 50 центи.
Суфлаки
Просечна цена: 4 евра
Суфлаки е тоа што во Македонија е ражничот. Мали парчиња месо и можеби по некој зеленчук боцнати на стап, а потоа потпечени. Ги има на скоро секој чекор, а се совршени за моментите кога сакаш да останеш сит без да се прејадеш.
Саганаки
Просечна цена: 4 евра
Од вкусни предјадења предлагаме саганаки. Тоа е пржено бело сирење во тава. Имај го предвид ова мезе предвид за секој случај ако тргне дружбата со узо. Само да знаеш дека едно нема да заврши работа. Толку е вкусно!
Курабиедес
Просечна цена: 24 евра/1кг
Курабиедес се ронливи колачиња во стилот збогатени со јаткасти плодови и премачкани со шеќер во прав. Некои варијации вклучуваат дури и ракија за дополнително специјално засилување на вкусот.
Кулури
Просечна цена: 1,5 евро
Кулури – грчкиот еквивалент на ѓеврек. Ништо повеќе, ништо помалку, ништо подобро!