Доколку си во потрага по мир и одмор во прекрасен поглед кон вода и природа, тогаш Ксамил во Албанија е твојата идеална туристичка дестинација за нови автентични приказни и несекојдневни доживувања. Откриј ги со нас најживописните атракции во и околу Ксамил:
Островите на Ксамил
(Ishujt e Ksamilit)
Главната атракција на ова туристичко место се четирите мали и ненаселени острови, кои имаат живописна природа и бујна вегетација. Идеално место каде може да уживаш во мирна атмосфера, кристално чиста вода. Првиот остров е толку блиску што можеш и да отпливаш до него, а до останатите секако постои можноста со чамци кои тука ги има во изобилие.
Национален парк Бутринт
(Parku Kombëtar i Butrintit)
Недалеку од Ксамил се наоѓа Бутринт, древен град со историски руини кои потекнуваат од грчко, римско, византиско и венецијанско време. Искористи го времето да дознаеш повеќе и да ги видиш археолошки наоѓалишта од старите театри, римските форуми и уште многу зачувани мозаици. Според статистиките ова место е дом на преку 1200 растителни и животински видови поради што паркот е прогласен светско наследство на УНЕСКО.
Сино око
(Syri i kaltër)
На околу 30 минути возење од Ксамил не пропуштај да го посетиш природниот извор и феномен „Синото око“. Овде извира реката Бистрица која се влева во Јонското море. Специфично за овој извор е кристално чистата вода низ која може да гледаш и во длабочина од 50 метри. Околината е богата со зеленило што создава прекрасен природен пејзаж.
Ликурешка тврдина
(Kalaja e Lëkurësit)
Во Саранда, која е кратко возење од Ксамил, сместена е Ликурешката тврдина која дава убав панорамски поглед кон Јонскиот залив, островот Корфу и лагуната Бутринт. Тврдината има квадратна форма со две кули, а внатре има и ресторан каде можеш да уживаш во традиционална албанска кујна.
Плажа Огледало
(Plazhi Pasqyrat)
Оваа плажа е позната по своите мирни и чисти води, што ја прави одлична за капење и опуштање. Тука најчесто одат локалци наспроти туристи, па затоа вообичаено има и помалку гужва од градските плажи.