Водич за пакување: Како да не заборавиш ништо


Ова не е стандарден блог пост. Ова е водич за пакување пред патување, а содржи сè што ти треба или може да ти затреба за време на одморот. Ако сега заборавиш нешто пред тргнување, тогаш навистина е до тебе и не сакаме да слушаме изговори.

Прво, зачувај го некаде списоков, а потоа прочитај детално.

➡ задолжително за пакување

Документи за патување

➡ Пасош. Провери го рокот на истекување веднаш. За да излезеш од земјата патната исправа треба да е важечка најмалку три месеци по планираниот датум на заминување од територијата на земјите членки на ЕУ и потписнички на Шенгенскиот договор (важи и за Албанија и Црна Гора), исто така и да е издадена во претходните 10 години.

➡ Лична карта. Тоа е дел од твојот идентитет. Мораш да го носиш со себе каде и да си.

➡ Патничко осигурување. Може да покрие непредвидени медицински трошоци, да ги ублажи ризиците, како губење на пасош или багаж, а може да биде и голема помош во случај на потреба од итна помош.

⦿ Зелен картон. Единствено за оние кои патуваат со сопствен автомобил. 

➡ Кеш. Кредитните картички дефинитивно се сè повеќе прифатени, но не и во помалите селца и гратчиња во Грција, Црна Гора и Албанија. Не го носи целото богатство бидејќи секаде има банкомати, но заштеди на провизија и имај нешто во џеб за барем да си купиш нешто ситно на плажа или во продавница. 

Облека

➡ Долна облека (мин. 1 пар/дневно). Никој не сака да пере на одмор, а тоа е обично и една од причините зошто воопшто се оди на одмор. Затоа, подготви си долен веш за секој ден и имај мирна глава што и да се случи. 

➡ Чорапи (мин. 1 пар/дневно). Истиот принцип важи и тука.

➡ Бермуди/сукњи (х2). Зависи колку денови си на одмор 

➡ Маици со кратки ракави/без ракави (колку највеќе собира). Сметај да земеш и маици кои се исклучиво за на плажа. Кремот за сончање остава траги на маиците, па гледај да не ги уништиш најубавите. 

➡ Долги панталони. Најверојатно нема да ти требаат, ама никогаш не знаеш што се може да се случи.

⦿ Дуксер. За жал, некогаш се случува и да заврне и во лето. Кога е таква ситуацијата, еден дуксер е сосема доволно за да ги поминеш тие неколку часа под дожд.

⦿ Облека за спиење. Лето е, а тоа значи дека во ред е и да спиеш по долен веш, маичка со кратки ракави или без облека. 

➡ Удобни чевли. Дефинитивно меѓу најважните нешта. Долгите денови поминати во папучи може да направат плускавци и рани, затоа спакувај го твојот најудобен пар патики. 

⦿ Фустан/здолниште/кошула. Можеби ќе има прилика и за дотерување. Подготви се однапред.

➡ Костими за капење/бикини/шорцови (х2). Поважно од тоа да одбереш нешто во што ќе се чувствуваш најубаво е да понесеш барем два пара. Имај резерва додека другите се сушат. 

➡ Крпи (x2). Една за на плажа и една за сушење. 

➡ Папучи/апостолки/крокс. За вкусовите не се расправа. Важно е да земеш она што ти е најудобно бидејќи не секоја плажа е песочна и не секој пат до плажа е лесен за одење пешки.

Козметика

➡ Производи за лична хигиена. Паста и четка за заби, шампон, дезодоранс, пена за бричење, брич, чепчиња за уши, ножици, турпија и сè што мислиш дека ќе ти притреба за секој ден.

➡ Крем за сончање. Ти си ја познаваш својата кожата најдобро. Ако лесно гориш на сонце, тогаш одбери крем со поголем фактор.

⦿ Средство против комарци. Море си повлекува комарци, затоа заштити се со време од чешање. 

Технологија

➡ Полнач. Полн телефон на одмор е задолжителна работа.

⦿ Преносен полнач. Ќе се случи и да се поздраборавиш со скролање на телефон, сликање за да ја направиш идеалната слика за на Инстаграм, слушање музика и чатање со најблиските. Верувај, ова е спасот.

⦿ Bluetooth звучник. Во Грција, Црна Гора и Албанија музиката најчесто е домашна, па тоа може и да не баш по твој вкус. Земи си звучник и слушај што сакаш и кога сакаш. 

Занимација

⦿ Карти за играње. Наједноставни за пакување и секогаш добри за „тепање време“ на плажа или во апартман. 

⦿ Книга/списание. Читање книга на плажа е најдобрата споредна работа на светот, нели?

Сè за на плажа

⦿ Торба за плажа. Една торба за сè. 

⦿ Чадор за плажа. Доколку сакаш диви плажи или не ти се плаќаат скапи лежалки, а патуваш со автомобил, тогаш спакувај чадор и уживај под сенка по цели денови.

⦿ Топки и играчки. Патуваш со деца? Ова е задолжително ако сакаш да ги спречиш сите плачки и да им направиш спомени за цел живот. 

⦿ Шише за вода. Лето е, топло е, гужва е и можеби нема да биде така лесно да дојдеш брзо до кафе и вода на плажа. Затоа, носи си шише вода и хидрирај се постојано за да ги издржиш високите температури.

⦿ Закуски за итни случаи. Грицки или протеин бар. Одбери храна која нема да се стопи или да ти прави тешкотии на стомакот на топлото време. 

Останато

➡ Лекови. За недај боже, понеси од сè по нешто. 

➡ Очила за сонце. Не е случајно зошто го ставаме ова како задолжително. Силното сонце дефинитивно го оштетува видот колку и да можеш да издржиш без очила за сонце. Само те молиме не одбирај евтини очила од бензиска. Ако веќе не сакаш да вложиш во квалитетни очила , тогаш подобро не носи ниту такви. Ќе си направиш уште полошо.